BMW најави нова технологија за палење со која сака да ги направи своите M мотори поефикасни и подготвени за построгите еколошки стандарди што доаѓаат во Европа. Станува збор за систем наречен BMW M Ignite, кој ќе влезе во сериско производство од средината на 2026 година и прво ќе се применува кај редните шестцилиндарски мотори во M2, M3 и M4.
Во суштина, системот користи дополнителна преткомора за согорување, интегрирана во главата на моторот. Таа е поврзана со главната комора преку специјални канали и има сопствена свеќичка и калем, што практично значи дека моторот работи со два системи за палење.
При ниски и средни вртежи, главната улога и натаму ја има класичната свеќичка, но при високи оптоварувања и повисоки вртежи, преткомората станува клучниот елемент во процесот на согорување.
Во таа фаза, дел од смесата воздух-гориво се насочува во преткомората, каде што прво се пали, а потоа пламенот со голема брзина се пренесува во главната комора преку каналите.
Овие таканаречени млазови на палење ја палат смесата на повеќе точки истовремено, што според BMW овозможува побрзо и поконтролирано согорување. Компанијата тврди дека со тоа се намалува и ризикот од детонации, се спушта температурата на издувните гасови и се подобрува ефикасноста при големо оптоварување.
Покрај новиот систем за палење, BMW ќе воведе и дополнителни технички измени кај овие мотори, вклучително и повисока компресија и турбополначи со променлива геометрија на турбината. И покрај тоа, моќноста ќе остане непроменета во однос на актуелните верзии, што јасно покажува дека целта не е повеќе силата, туку подобрата ефикасност и полесното исполнување на Euro 7 нормите, кои стапуваат на сила во ноември 2026 година.
BMW вели дека најголемата корист од оваа технологија ќе се почувствува токму при спортско возење, каде што потрошувачката на гориво при високо оптоварување би требало значително да се намали. Тоа значи дека возачите ќе можат подолго да возат со ист резервоар, а истовремено моторите ќе имаат подобра основа за да опстанат во време кога регулативите стануваат сè построги.
Воведувањето на BMW M Ignite ќе оди постепено. Од јули 2026 година, сите верзии на M3 и M4 ќе го добијат новиот систем, а еден месец подоцна ќе започне и производството на M2 со истата технологија. Со ова, BMW јасно покажува дека и понатаму гледа иднина за високоперформансните бензински мотори, но само ако тие станат почисти, поефикасни и технолошки понапредни.



