Додека автомобилската индустрија постојано гледа кон иднината, понекогаш највпечатливите приказни доаѓаат од минатото. Германскиот производител Audi повторно создаде автомобил чиј оригинален дизајн потекнуцва од пред дури 91 година. Станува збор за моделот „Lucca“, уникатен V16 автомобил, чиј прв прототип бил развиен уште во 1935 година – во време кога рушењето брзински рекорди било прашање на престиж, а автомобилската технологија доживувала револуционерни промени.
Корените на приказната водат до ерата на Auto Union, претходникот на денешниот Audi, кога германските производители воделе жестока битка со легендарните „Сребрени стрели“ на Mercedes-Benz. Токму тогаш бил создаден аеродинамичен автомобил наменет за поставување нови рекорди на брзина, кој на италијанските патишта достигнал неверојатни 327 километри на час. Во тоа време повеќето автомобили едвај надминувале 80 км/ч, па овој резултат бил вистинска сензација.
Со текот на времето, оригиналниот автомобил исчезнал во хаосот на Втората светска војна. Голем број тркачки модели на Auto Union завршиле во Советскиот Сојуз и никогаш не биле вратени. Од проектот останале само неколку фотографии и делумна техничка документација. Токму тие материјали биле основа за тимот на Audi Tradition, одделот задолжен за зачувување на историјата на брендот, да започне реконструкција на изгубениот модел.
За реализацијата биле ангажирани британските експерти за историски тркачки автомобили од компанијата Crossthwaite & Gardiner. Процесот траел три години, а голем дел од автомобилот бил изработен рачно, користејќи стари фотографии и ограничени технички цртежи. Крајниот резултат е автомобил кој изгледа како да пристигнал директно од 1930-тите, но со прецизност и сигурност што одговараат на современите стандарди.
Од визуелен аспект, Lucca изгледа речиси футуристички иако е инспириран од минатиот век. Каросеријата е целосно подредена на аеродинамиката – со покриени тркала, идолжен преден дел и заден дел што се стеснува во остар завршеток. Интересно е што многу од аеродинамичките решенија кои денес се стандард кај модерните суперавтомобили, биле применети уште тогаш.
Под хаубата се наоѓа модернизирана верзија на оригиналниот мотор. Наместо првичниот 5-литарски агрегат со 343 коњски сили, новиот модел доби 6-литарски V16 мотор со 520 КС. Благодарение на тежината од само 960 килограми, перформансите и денес звучат импресивно, иако од Audi велат дека целта не е поставување нови рекорди, туку зачувување на автомобилската историја.
Новата интерпретација на Lucca првпат ќе биде претставена пред јавноста на Goodwood Festival of Speed, каде ќе пшокаже како изгледа спојот меѓу минатото и модерната автомобилска технологија.



