Кинескиот автомобилски бренд Leapmotor, кој делува во рамки на групацијата Stellantis, најавува значително проширување на своето портфолио на европскиот пазар. Амбицијата е јасна – удвојување на понудата до крајот на 2026 година.
Според изјавата на Danilo Annese, одговорен за комерцијалните операции на брендот во Европа, компанијата подготвува лансирање на три нови целосно електрични модели во наредниот период.
И покрај тоа што е релативно нов играч, Leapmotor бележи импресивен раст. Во јануари и февруари продажбата пораснала за дури 642% во споредба со истиот период минатата година. Според податоците на DataForce, продадени се 12.854 возила, што сè уште е зад конкуренти како MG Motor, BYD и Chery, но трендот е силно нагорен.
Во новата моделска офанзива, прв на ред е компактниот електричен хечбек B05. Тој се базира на истата платформа како и SUV моделот B10, користи идентични батерии, но нуди поголем домет благодарение на подобрената аеродинамика.
Следува малиот електричен SUV B03X со погон на предните тркала, додека како трет модел се најавува хечбекот B03 (познат во Кина како A05), кој се очекува на европскиот пазар од ноември.
Овие новитети ќе се приклучат на постојната понуда на брендот, која ги вклучува мини електричниот модел Leapmotor T03 – моментално најпродаван во гамата, како и компактниот SUV B10 и средно големиот SUV C10.
Вреди да се напомене дека SUV моделите B10 и C10 се достапни како целосно електрични возила, но и во верзии со продолжен домет, што им дава дополнителна флексибилност на купувачите.



