Tesla подготвува специјално финале за Model S и Model X, моделите што со години беа симбол на врвот во понудата на брендот. Пред нивното повлекување од производство, компанијата ќе понуди ограничена Signature Series изведба, која ќе биде наменета само за одбран круг клиенти и ќе се нуди исклучиво по покана.
Според достапните информации, овие финални верзии ќе бидат базирани на целосно опремени Plaid изведби и ќе добијат низа уникатни визуелни детали. Меѓу нив се златни надворешни амблеми, специјални Signature ознаки, златни сопирачки клешти кај Model S, како и посебни детали во ентериерот. Секој примерок ќе има и плочка на контролната табла со серискиот број од ограничената серија.
Производството ќе биде строго лимитирано. Според најавите, Tesla ќе изработи само 250 примероци од Model S и 100 примероци од Model X. Цените сè уште не се официјално потврдени, но се шпекулира дека ќе се движат меѓу 150.000 и 160.000 долари, што значи значително повисоко ниво од сегашните цени на најскапите Plaid изведби.
Овие модели, сепак, ќе доаѓаат со целосна опрема. Во пакетот се споменуваат бесплатен доживотен Supercharging, четири години одржување и Full Self-Driving системот. Со тоа, Signature Series не е само козметичка финална серија, туку и обид Tesla достојно да ги испрати двата модели што имаа огромно влијание врз развојот на модерниот EV пазар.
Без разлика дали некој е љубител на Tesla или не, јасно е дека Model S и Model X оставија силен траг во автомобилската индустрија. Signature Series сега треба да биде нивниот последен, ексклузивен поздрав.



