На 18 и 19 април 2026 година ќе се одржи ВМ Класик Централно Рели, првиот натпревар од Државното првенство во авто-мото рели со историски возила, во организација на Националната федерација за историски возила.
Настанот започнува во сабота во Скопје, на Сквер Јадран, каде од раните утрински часови е предвидено пристигнување на учесниците, технички преглед, верификација и брифинг. Свеченото отворање е закажано за 09:30 часот, а официјалниот старт на релито е во 10:00 часот.
Во текот на првиот ден учесниците ќе возат низ повеќе градови во централниот дел на државата. По првата етапа ќе пристигнат во Велес, а потоа рутата продолжува кон Прилеп, каде ќе има изложување на возилата. Последната саботна етапа води до Крушево, каде ќе заврши натпреварувачкиот дел од релито. Таму е предвидена изложба на возилата, по што следуваат сместување, свечена вечера и прогласување на најуспешните натпреварувачи.
Во недела програмата продолжува со туристички дел и дружење на учесниците. По појадокот е планирана посета на споменичкиот комплекс Илинден, а потоа следува поаѓање кон Градско, каде ќе има нова изложба и пауза. Завршницата на релито е предвидена во недела во Скопје, во хотел Белви.
Со ова рели официјално започнува новата сезона во шампионатот за историски возила.



