Volkswagen Golf GTI Edition 50 официјално стана најбрзиот сериски автомобил со преден погон на Нирбургринг, откако успеа да го симне Honda Civic Type R од врвот на листата. По првиот обид што не беше доволен за рекорд, Volkswagen повторно го врати 320-коњскиот hot hatch на легендарната германска патека и овојпат успеа да ја заврши задачата.
Развојниот возач Бенјамин Лојхтер извози круг за 7:44.52 минути, што е доволно за да се надмине времето на Civic Type R од 7:44.88, поставено во 2023 година. Иако разликата е минимална, таа сепак е доволна Golf GTI Edition 50 да го преземе тронот меѓу сериските автомобили со преден погон на „Зелениот пекол“.
На третото место на оваа листа останува Renault Megane RS Trophy-R, кој порано го држеше рекордот со време од 7:45.3. За разлика од Golf GTI и Civic Type R, францускиот модел веќе не е во производство, што дополнително ја засилува актуелната пресметка меѓу Volkswagen и Honda.
Интересно е што Golf GTI Edition 50 не е само најбрзиот GTI досега, туку и еден од најскапите. Во Германија моделот стартуваше од 54.540 евра пред дополнителна опрема, додека сите GTI и R верзии и понатаму се нудат исклучиво со автоматски менувач. Враќање на мануелен менувач во овие изведби засега речиси и не се очекува.
И покрај тоа што бензинските hot hatch модели стануваат сè поретки, Volkswagen уверува дека Golf GTI ќе остане жив уште долго, дури и кога деветтата генерација Golf целосно ќе премине на електричен погон. Во меѓувреме, брендот подготвува и електричен GTI, но овој рекорд покажува дека класичниот бензински GTI сè уште има што да покаже.



