Red Bull прави уште еден важен чекор кон реализација на својот прв хиперавтомобил, откако започна финалната монтажа на првиот примерок од моделот RB17. Според најавите, испораките на овој екстремен track-only автомобил би требало да започнат следната пролет, што значи дека проектот конечно влегува во завршна фаза.
Програмскиот шеф, Роб Бреј, изјави дека тестирањата и развојните сесии ќе започнат во следните неколку недели. RB17 првпат беше претставен на фестивалот во Гудвуд во 2024 година, а зад целиот концепт стои легендарниот Адријан Њуи, што само дополнително ја зголемува тежината на проектот.
Во срцето на автомобилот се наоѓа атмосферски 4,5-литарски V12 мотор развиен од Cosworth, кој се врти до 15.000 вртежи во минута и самостојно испорачува 1.000 коњски сили. Но тоа не е сè, затоа што RB17 е и хибрид, со дополнителен електромотор од 200 коњски сили вграден во Xtrac менувачот, со што вкупната моќност достигнува 1.200 коњски сили.
Автомобилот се очекува да тежи помалку од 907 кг и да достигнува максимална брзина од 354 км/ч. Дополнително, RB17 може да генерира до 1.700 кг downforce, иако Red Bull морал да го ограничи тој аеродинамички притисок при повисоки брзини над 150 км/ч за да не се преоптоварат гумите.
Во меѓувреме, и дизајнот претрпел измени во споредба со првичното претставување. Сега автомобилот има централна линија над моторниот поклопец, решение што треба дополнително да ја зголеми ефикасноста на задното крило и вкупниот аеродинамичен ефект.



