Вести

Koenigsegg Jesko Absolut постави нов рекорд на четврт милја

Koenigsegg повторно постави рекорд со Jesko Absolut, овојпат на домашната писта во Енгелхолм, Шведска. На 6 јуни, за време на националниот ден на Шведска, Jesko Absolut стана првиот сериски автомобил што ја надминал границата од 300 km/h на четврт милја.

 

Фабричкиот тест-возач Маркус Лунд ја помина четврт милјата со брзина од 305,39 km/h на мерната точка. Истата серија продолжи и до половина милја, каде што автомобилот достигна 373,87 km/h. Двата резултати беа независно потврдени од Racelogic, што го официјализира и валидира рекордот. 

 

Телеметријата покажува и колку брзо Jesko Absolut ја гради брзината. Од 0 до 100 km/h забрзал за само 2,35 секунди, додека од 0 до 300 km/h му биле потребни 8,3 секунди. Четврт милјата била помината за 8,54 секунди, а половина милјата за 12,76 секунди.

 

Резултатот е уште поимпресивен затоа што Jesko Absolut има само заден погон и нема hybrid помош. Рекордот бил постигнат на неподготвена површина, со сериски гуми, што дополнително ја нагласува способноста на автомобилот да ја пренесе огромната сила на асфалт.

 

Koenigsegg наведува дека подобрувањата што овозможиле ваков резултат ќе бидат испратени и до веќе произведените автомобили преку over-the-air update. Со тоа, сопствениците на Jesko Absolut ќе добијат дополнителна оптимизација на перформансите без физичка интервенција во возилото.

 

Клучна улога има и деветстепениот автоматски менувач, кој овозможува речиси моментална реакција. Автомобилот од 100 до 200 km/h забрзал за 2,53 секунди, а од 200 до 300 km/h за 3,43 секунди.

 

Иако Jesko Absolut веќе изгледа како врв на перформансите, Koenigsegg верува дека може да оди уште понатаму. Основачот Кристијан фон Кенигсег навести дека Gemera со четири седишта би можел да биде уште побрз во права линија, бидејќи има hybrid систем, погон на сите тркала и значително поголема моќност.

 

Gemera со електрифициран V8 развива до 2.300 коњски сили, додека Jesko Absolut има 1.280 коњски сили на стандардно гориво или 1.600 коњски сили со E85. Тоа покажува дека шведскиот производител сè уште не завршил со бркањето рекорди.

Поврзани Вести

Препорачано