Вести

Mercedes доби сослушување од FIA за казната на Расел во Монако

FIA го прифати барањето на Mercedes за ревизија на резултатите од Големата награда на Монако и казните што ги доби Џорџ Расел. Сослушувањето е закажано за оваа сабота, пред трката за Големата награда на Австрија, а доаѓа по успешната жалба на Alpine, со која беа поништени казните на Пјер Гасли.

 

Случајот повторно ја отвора неизвесноста околу конечниот пласман во Монако, кој веќе беше изменет минатата недела. Според правилата, сослушувањето ќе се одвива во две фази. Најпрво стјуардите ќе треба да утврдат дали Mercedes доставил „значаен и релевантен нов елемент“ што не бил достапен во моментот на првичната одлука. Доколку тој услов биде исполнет, ќе следи второ сослушување во кое ќе се разгледува суштината на случајот.

 

Шефот на Mercedes, Тото Волф, претходно изјави дека тимот ќе се обиде да ја оспори казната на Расел, иако шансите за целосно менување на резултатот не ги оценува како големи. Според него, ако постои и најмала можност казната да биде преиспитана, тимот мора да ја искористи.

 

Проблемот започна откако повеќе возачи беа казнети за наводно пречекорување на ограничувањето од 60 km/h во пит-лејнот. Гасли првично доби две казни од по пет секунди, што го спушти од подиумот на седмото место. Alpine подоцна докажа дека официјалниот тајминг-систем користел погрешно поставена дистанца во еден од секторите на пит-лејнот во Монако. Formula One Management го призна проблемот, по што казните на Гасли беа поништени, а тој беше вратен на третото место.

 

Таа одлука веднаш отвори прашање дали и други возачи биле неправилно казнети под истите околности. Расел прво доби казна од пет секунди за пречекорување на брзината во пит-лејнот, а потоа се обиде да ја одработи при пит-стоп. Стјуардите подоцна утврдија дека казната не била правилно одработена, па му беше доделена дополнителна drive-through казна, која ја одработи по последниот рестарт.

 

Оваа низа од казни го исфрли Расел од зоната на поени и му донесе тежок удар во шампионатот. Наместо солиден резултат, возачот на Mercedes остана без бодови, што дополнително го чинеше во борбата со тимскиот колега Кими Антонели.

 

Случајот во Монако сè уште не е затворен. McLaren веќе потврди дека ја оспорил одлуката да се вратат казните на Гасли, бидејќи Оскар Пјастри исто така бил казнет за време на трката, но ја одработил казната на патеката. Се верува дека и Red Bull ја оспорува измената на резултатот, со цел да се врати подиумот на Исак Хаџар.

Поврзани Вести

Препорачано