Alfa Romeo подготви необична летна промоција за италијанските фудбалски навивачи во Велика Британија, поврзана со настапот на Босна и Херцеговина на светското првенство. Бидејќи Италија не успеа да се пласира, откако беше елиминирана токму од Босна и Херцеговина, брендот реши на навивачите да им даде нова причина за следење на натпреварите.
Промоцијата се однесува на моделот Alfa Romeo Stelvio и предвидува попуст од 1.000 фунти за секој гол што Босна и Херцеговина ќе го постигне на денот кога купувачот ќе регистрира интерес за возилото. Ако репрезентацијата оди до крај и го освои превенството, Alfa Romeo најавува целосно враќање на сумата за клиентите што ја искористиле понудата.
За да се квалификуваат, купувачите мора да бидат жители на Велика Британија и да исполнуваат услови за настап за италијанската фудбалска репрезентација, преку потекло или државјанство. Понудата важи за нови Stelvio возила од залиха, купени преку британската дилерска мрежа на Alfa Romeo.
Акцијата трае од 11 јуни до 19 јули, а возилото мора да биде регистрирано најдоцна до 31 јули 2026 година. Попустот се пресметува само според бројот на голови постигнати на конкретниот натпреварувачки ден кога клиентот го регистрирал интересот. Головите од повеќе натпревари не се собираат.

Од Alfa Romeo UK велат дека промоцијата е начин италијанските навивачи, кои ова лето немаат своја репрезентација за поддршка, сепак да почувствуваат дел од спортската атмосфера. Наместо да навиваат за Италија, брендот ги охрабрува да ја следат Босна и Херцеговина, бидејќи секој нејзин гол може директно да им донесе поголема заштеда.
Stelvio останува еден од најпрепознатливите модели на Alfa Romeo, со италијански дизајн и спортски карактер. Во Велика Британија се нуди со бензински мотори, вклучувајќи 2,0-литарска верзија со 280 коњски сили и 2,9-литарски Bi-Turbo V6 Quadrifoglio со 520 коњски сили.
Со оваа кампања, Alfa Romeo ја користи фудбалската емоција на необичен начин, претворајќи го секој гол на Босна и Херцеговина во потенцијален попуст за Stelvio.



