Tesla повторно ја враќа во игра идејата за подостапен електричен автомобил. Според Reuters, компанијата наводно работи на помал и поевтин електричен SUV, а овојпат не станува збор за нова верзија на Model 3 или Model Y, туку за сосема нов модел.
Според неофицијални информации, новото возило би требало да биде долго околу 4,3 метри. Тоа значи дека ќе биде помало од дел од сегашните модели на Tesla и веројатно ќе биде насочено кон купувачи што бараат покомпактен и подостапен електричен автомобил. Засега нема точни информации дали ќе станува збор за класичен електричен модел или возило што ќе има и можност за самостојно возење.
Оваа вест повторно ја отвора темата за поевтин Tesla автомобил, за која се зборува веќе подолго време. Претходно се споменуваше електричен автомобил со цена од околу 25.000 долари, но тој план беше ставен на страна во 2024 година, кога компанијата реши повеќе да се насочи кон роботакси возила.
Во првите месеци од 2026 година, Tesla запре со производство на два свои електрични модели за повеќе внимание да насочи кон роботика. Сега изгледа дека компанијата повторно размислува и за модел што би ѝ донел поголемо присуство на пазарот, особено ако сака да допре до поширок круг купувачи.
Сепак, и покрај овие најави, засега нема гаранција дека овој модел навистина ќе стигне до производство. Кај Tesla плановите знаат брзо да се менуваат, па останува да видиме дали овој помал и поевтин SUV навистина ќе стане реалност.



