Одложувањето на трките во Бахреин и Саудиска Арабија создаде сериозен предизвик за календарот na Формула 1. Двете трки не се официјално откажани, туку само тргнати од првичниот априлски термин, што значи дека Ф1 сè уште бара начин барем една од нив да се одржи подоцна во сезоната.
Најреална опција во моментов е една од трките да се вметне во слободниот период меѓу Баку и Сингапур во септември. Тоа би барало најмалку промени во календарот, но би донело голем притисок врз тимовите, бидејќи завршницата на сезоната веќе е преполна со трки и долги патувања.
Доколку Ф1 сака да ги врати и двете трки, ситуацијата станува многу покомплицирана. Абу Даби, според договорот, мора да остане последна трка во сезоната, па додавањето уште една трка би значело поместување на финалето и уште поголемо приближување до празничниот период.
Сепак, проблемот не е само во датумите. Тимовите веќе имаат логистички потешкотии, дел од опремата останала во регионот, а транспортот преку Блискиот Исток е важен дел од целата Ф1 организација. Дополнително, трошоците за транспорт влегуваат во буџетскиот лимит, што најмногу ги погодува помалите тимови.
Затоа, иако финансиски би било важно трките да се спасат, одлуката ќе зависи од безбедносната состојба, логистиката и притисокот врз луѓето кои ја носат сезоната на свој грб.



