Kia има големи планови за сегментот на комерцијални возила, но не сака само да понуди уште едно електрично комбе. Новата PBV програма, односно Platform Beyond Vehicle, е замислена како целосна платформа за професионален транспорт, градска логистика и превоз на патници, со фокус на електричен погон, модуларност и дигитални услуги.
Првиот модел од оваа стратегија е Kia PV5, кој ќе биде основа за поширока понуда што подоцна треба да се прошири со поголемите PV7 и PV9. Наместо класично комерцијално возило приспособено на електричен погон, PV5 е развиен како EV од самиот почеток. Ваквиот концепт овозможува подобро искористување на просторот, поголем товарен капацитет, попрактична кабина и подобро маневрирање во градски услови.
Според Kia, PBV платформата е направена да биде модуларна и скалабилна. Тоа значи дека може да се користи за различни должини, каросериски изведби и професионални потреби — од компактна градска достава до превоз на патници или специјализирани флотни решенија. Еден од важните податоци е радиусот на вртење од 5,5 метри, што треба да помогне при маневрирање во тесни урбани средини.
Но Kia не се фокусира само на возилото како такво. Голем дел од проектот е дигиталниот екосистем. Возилата ќе поддржуваат over-the-air софтверски надградби и далечинска дијагностика, а во иднина и превентивни системи што би можеле однапред да предупредат на потенцијален дефект. Целта е да се намали времето во сервис и да се олесни управувањето со флоти.
За деловните корисници, Kia подготвува и специјализирана сервисна мрежа со продолжено работно време, поголема флексибилност и можност за self-check-in и check-out преку киосци, дури и надвор од стандардното работно време. За поголеми компании ќе има B2B портал и fleet-management платформа преку којашто ќе може да се следат и возила од други брендови.
Со ова, Kia сака PBV моделите да не бидат само работни возила туку целосно решение за компании што бараат пониски оперативни трошоци, помалку застои и поефикасна организација на транспортот.



