Патувања

Зошто некои автомобили подобро ја пренесуваат силата на асфалт?

Кај спортските автомобили често се споменува LSD, односно limited-slip differential, но тоа нема врска со електроника или маркетинг трик. Станува збор за диференцијал со ограничено пролизгување, чија задача е да му помогне на автомобилот подобро да ја пренесе силата на тркалата што имаат grip.

 

За да се разбере зошто е важен, прво треба да се знае што прави обичниот диференцијал. Кога автомобилот врти, надворешното тркало поминува подолг пат од внатрешното, па мора да се врти побрзо. Диференцијалот го овозможува токму тоа — двете тркала на истата оска да се вртат со различна брзина.

 

Проблемот кај класичниот „open“ диференцијал се јавува кога едното тркало ќе изгуби grip. Наместо силата да оди кон тркалото што има подобар контакт со подлогата, голем дел од вртежниот момент оди кон тркалото што пролизгува. Резултатот е вртење во празно, послабо забрзување и помалку контрола, особено на снег, мраз, влажен асфалт или при силно забрзување од свиок.

 

Limited-slip differential го ограничува тоа пролизгување. Кога едното тркало почнува да се врти пребрзо и да губи контакт, системот пренасочува повеќе сила кон другото тркало, кое има подобар grip. Така автомобилот подобро забрзува, постабилно излегува од свиоци и поефикасно ја користи моќноста.

 

Постојат повеќе типови LSD системи. Кај clutch-based LSD се користат ламели што се затегаат кога има разлика во брзината меѓу тркалата. Torsen диференцијалите користат запчаници за механичка распределба на силата, додека viscous LSD користи густа течност за да ја намали разликата во вртењето.

 

Модерните автомобили понекогаш го имитираат ефектот на LSD преку електроника и сопирачки, но тоа не е исто како вистински механички limited-slip диференцијал. Електронскиот систем го сопира тркалото што пролизгува, додека вистинскиот LSD поефикасно ја пренесува силата кон тркалото што може да ја искористи.

 

Затоа LSD е важен кај спортски автомобили, автомобили со заден погон, возење на патека, но и во услови со слаб grip. Најдобриот LSD не треба драматично да се чувствува — автомобилот едноставно подобро тргнува, подобро излегува од свиоци и оди таму каде што возачот сака.

Поврзани Вести

Препорачано