Dongfeng Huge доаѓа од Dongfeng Motor Corporation и веќе на прв поглед јасно покажува што сака да биде – навистина голем SUV кој не се обидува да се камуфлира во нешто скромно.
Во последните години се навикнавме кинеските SUV модели да нудат „повеќе од очекуваното“ – повеќе простор, повеќе опрема и сл. Huge токму тоа и го потврдува, па дури и го нагласува. Огромен е, реално.
Дизајнерски, автомобилот веднаш остава силен впечаток. Предниот дел доминира со голема маска која визуелно го дефинира целиот лик на возилото. А светлата се толку паметно интегрирани така што создаваат широка и модерна светлосна графика.
Од страна, профилот е класичен SUV со чисти линии и јасно дефинирана форма без непотребни детали. Иако автомобилот е навистина масивен, 19-инчните тркала изгледаат помали отколку што би се очекувало, што дополнително ја нагласува неговата големина. Гумите се од типот Pirelli Scorpion, што укажува на ориентација кон SUV употреба.
Задниот дел продолжува во истиот стил – широк, светлосен елемент кој се протега по целата ширина на возилото, дискретен спојлер и чисто обликуван браник. Декоративните издувни завршетоци се повеќе визуелен елемент отколку функционален детаљ.
Практичните елементи не се заборавени; кровните носачи се дел од сериската опрема и дополнително ја зголемуваат употребливоста.
Сѐ на сѐ, Dongfeng Huge остава впечаток на самоуверен, наметлив и визуелно доминантен SUV кој целосно го оправдува своето име – огромен во секоја смисла.



