Пред повеќе од две децении, Volkswagen спроведе необичен и долго време непознат инженерски експеримент – создаде уникатен Lamborghini Diablo со W16 мотор. Станува збор за модифицирана верзија на Diablo SV од доцните деведесетти, која се издвојува по тоа што ги нема препознатливите подвижни предни светла.
Во историјата на автомобилската индустрија ретко се појавуваат личности што имаат слобода да експериментираат без директна деловна логика. Еден од нив беше Ferdinand Karl Piëch, визионер кој стои зад легендарни проекти како Audi Quattro и Porsche 917, но и зад необични идеи како Volkswagen Passat W8 и Volkswagen Phaeton W12. Сепак, неговиот најсмел потег беше развојот на W16 моторот – агрегат кој подоцна ќе стане срцето на Bugatti Veyron.
Пред Veyron воопшто да постои како прототип, било потребно некаде да се тестира новиот, екстремно моќен мотор. Решението дошло на неочекувано место – во Lamborghini. Откако Volkswagen ја презеде италијанската марка во 1998 година, инженерите го отстранија оригиналниот V12 мотор од Diablo и на негово место го вградија експерименталниот W16.
Фотографиите од Autostadt откриваат автомобил со суров и речиси брутален изглед. Задниот дел е значително модифициран за подобро ладење, што јасно укажува дека W16 моторот создава многу повеќе топлина од стандардниот агрегат на Lamborghini.
За неупатените, овој Diablo може да изгледа како уште една екстремна верзија на италијаснки суперспортски автомобил. Но, во реалноста, тој претставува едно од најзначајните тест – возила во поновата автомобилска историја. Токму преку него се проверувала основната архитектура на 16-цилиндричниот мотор, пред Bugatti да се откаже од уште поамбициозниот W18 концепт и да се насочи кон „пореален“ 8-литарски W16 со четири турбополначи.
Секако, W16 никогаш не заврши во сериски модел на Lamborghini. Брендот остана доследен на V12 моторите, сè до најновиот Lamborghini Revuelto. Во рамките на групацијата, 16-цилиндричниот мотор се појави само во концептни возила како Bentley Hunaudières и Audi Rosemeyer, додека Volkswagen за сопствените концепти најчесто се задржуваше на W12 конфигурацијата.



