Вести

Новата генерација на Lada Niva

Иако точниот датум на премиера сè уште не е познат, сè укажува дека развојот на новата генерација на култната Lada Niva е веќе во напредна фаза.

 

Малку автомобили успеале толку долго да останат верни на својата оригинална концепција како Lada Niva. Овој легендарен руски теренец се произведува уште од 1977 година, а и покрај застарената основа, и денес има верна публика благодарение на својата едноставност, издржливост и вистински теренски способности. Сепак, по речиси половина век, конечно се наѕира целосно нова генерација.

 

Иако официјални технички податоци сè уште нема, јасно е дека AvtoVAZ подготвува најголема трансформација на моделот досега.

 

Дизајнерски, новата генерација останува препознатлива, но значително помодернизирана. Каросеријата задржува едноставни, прави и робусни линии, како и хоризонтални странични детали кои потсетуваат на оригиналната Niva. Посебен визуелен елемент се трите вдлабнатини на задниот столб, што претставуваат јасна врска  со класичниот модел од 70-тите години.

 

Предниот дел е значително посовремен и поаеродинамичен. Новата маска носи натпис NIVA, додека браникот е обликуван со помеки и порафинирани линии. Задните светла се целосно редизајнирани, но нивната хоризонтална и компактна форма очигледно инспирацијата ја влече од првите генрации на моделот.

 

Интересно е што новата Niva во пропорции и одредени дизајнерски решенија потсетува на Dacia Duster. Тоа не е случајно, бидејќи проектот се развиваше во периодот на соработка меѓу Renault и AvtoVAZ, пред повлекувањето на француската компанија од Русија. Дури и скриените рачки на задните врати поставени во C-столбот се речиси идентично решение како кај Duster.

 

Се очекува моделот да биде базиран на модерна CMF-B платформа, иста архитектура што ја користи и новата Lada Iskra. Оваа платформа потекнува од алијансата Renault-Nissan, но подоцна е адаптирана за локална употреба. Сепак, постојат и шпекулации дека новата Niva би можела да ја користи платформата од Lada Vesta, иако тоа сè уште не е официјално потврдено.

 

Во поглед на моторите, се очекуваат добро познатите бензински агрегати од 1.6 и 1.8 литри кои се користат во други модели на Lada. Најголемата дилема останува дали новата Niva ќе ги задржи вистинските теренски способности по кои оригиналот стана легенда или ќе се претвори во повеќе урбан SUV-кросовер.

 

Сегашната Lada Niva Legend, всушност модернизирана верзија на оригиналот, сè уште се произведува, а неодамна беше претставена и посилната Niva Sport варијанта. Затоа дел од аналитичарите сметаат дека AvtoVAZ ќе продолжи паралелно да ја нуди класичната верзија за традиционалните купувачи, додека новата генерација ќе биде насочена кон поширока и помодерна публика.

 

Точниот датум на премиера останува непознат, но сите индикации укажуваат дека развојот на новата Niva е веќе во завршна и напредна фаза.

Поврзани Вести

Препорачано