Вести

Доменикали по разговорите со Верстапен: F1 мора да ги решава проблемите без конфронтација

Извршниот директор на Formula 1, Стефано Доменикали, изјави дека имал „конструктивни“ разговори со Макс Верстапен околу актуелните правила и идната насока на шампионатот, нагласувајќи дека спортот нема корист од конфронтациски пристап. Во период кога новите технички регулативи предизвикуваат поделени реакции, особено поради lift-and-coast возењето и управувањето со електричната енергија, Доменикали јасно порача дека критиките се легитимни, но мора да се адресираат во соодветен форум и преку заедничка работа.

Верстапен е еден од најгласните критичари на сегашната насока на Formula 1. Уште од првите симулации тој изразува незадоволство од новите болиди, а по тестовите во Бахреин, дури ги опиша како Formula E на стероиди“. Сепак, според Доменикали, и покрај тоа што останува директен и јасен во своите ставови, актуелниот шампион размислува конструктивно и придонесува во разговорите за можни подобрувања и на краток и на подолг рок.

Доменикали смета дека во дебатата не смее да се заборави зошто воопшто беа донесени овие правила. Во моментот кога биле финализирани, автомобилската индустрија силно се движела кон електрификација, а Formula 1 морала да се приспособи за да остане релевантна за производители како Audi и Honda. Денес околностите се делумно променети, па шефот на F1 лично очекува во следниот циклус поголем акцент повторно да се стави на одржливите горива и моторите со внатрешно согорување, но засега спортот мора да работи во постојната рамка.

Во исто време, Доменикали потсети дека Formula 1 не е „one-man show“ и дека сите промени мора да поминат низ систем на гласање, координација и заеднички договор. Тој порача дека спортот е поголем од секој поединец, без разлика дали станува збор за возач, тим или раководство, и дека токму затоа е важно разговорите да останат мирни, сериозни и насочени кон долгорочната добросостојба на шампионатот. Следниот важен чекор ќе дојде на 20 април, кога тимските шефови ќе разговараат за можни измени пред Мајами, а потоа дискусијата ќе продолжи и за пошироките промени што би можеле да следат во 2027 година.

Поврзани Вести

Препорачано