Nissan ја проширува понудата на Frontier за 2027 година со нов Sport Edition пакет, кој се позиционира меѓу SV и Pro-4X верзиите. Пакетот е достапен за Frontier SV и носи комбинација од визуелни и практични додатоци, наменети за купувачи коишто сакаат поагресивен изглед и малку повеќе теренски карактер, без да преминат на поскапата Pro-4X изведба.
Sport Edition доаѓа со алуминиумска заштитна плоча под возилото, 17-инчни тркала во off-road стил и Hankook Dynapro all-terrain пневматици со димензија 265/70R17. Пакетот вклучува и LED светла за магла, дополнително предно осветлување, црна предна маска, црни ретровизори и црна ознака на задната врата. Надворешниот изглед е дополнет со „Sport“ графики со жолти детали на страните од товарниот простор.
Внатрешноста исто така добива посебен третман, но со многу поизразени жолти акценти. Жолт контрастен конец има на црните седишта, рачките, инструмент-таблата, менувачот и делови од вратите, а Sport ознаките дополнително го издвојуваат моделот од стандардниот Frontier SV.
Механички, нема промени; Frontier продолжува да го користи атмосферскиот 3,8-литарски V6 мотор со 310 коњски сили и 420 Nm вртежен момент, поврзан со 9-степен автоматски менувач. Nissan тука останува на покласичен pickup пристап, без turbo или hybrid системи, што може да им се допадне на купувачите што сакаат поедноставна и проверена механика. Максималниот капацитет за влечење изнесува околу 3.243 kg.
Останатите промени за моделската 2027 година се релативно мали, бидејќи Frontier веќе доби освежување во 2025 година. Новитет е бојата Alpine Metallic, а Pro Convenience пакетот добива подобрено Qi2 безжично полнење. Nissan ќе ја објави цената на Frontier Sport Edition пред пристигнувањето кај дилерите ова лето.



