Шефот на Мекларен, Андреа Стела, смета дека тимот немал реално темпо за подиум на Големата награда на Канада, дури и доколку немало погрешна стратегија, инциденти и технички проблеми.
По силниот настап во спринтот, каде што Ландо Норис заврши втор зад битката меѓу возачите на Мерцедес, главната трка во Монтреал донесе сосема поинаква слика за Мекларен. Тимот стартуваше од втората редица и изгледаше како кандидат за борба за врвот, но студените услови целосно го променија балансот.
Стела призна дека Мекларен имал проблеми во повеќе области – од стратегијата, до сигурноста и инцидентите на патеката. Одлуката да се стартува на интермедијарни гуми не се покажа како успешна; Оскар Пјастри имаше контакт со Алекс Албон, додека Норис мораше да се откаже поради проблем со менувачот.
Според Стела, најголемиот проблем бил недостигот на температура во предните гуми. На возачите често им се блокирале тркалата и губеле време на свиоците, што покажува дека болидот MCL40 бил особено чувствителен во вакви услови.
„Не сум сигурен дека го имавме темпото на болидите кои се бореа за подиум“, посочи Стела, алудирајќи дека Луис Хамилтон и Макс Верстапен најверојатно ќе билат недостижни и во нормална трка.
Тој додаде дека максимумот за Мекларен веројатно бил пласман во поени, особено по раното преминување на мазни гуми (slicks). Во врска со инцидентот на Пјастри со Албон, Стела го оцени како погрешна проценка, дополнително предизвикана и од притисокот да се надомести изгубеното по стратешката грешка.



