Lancia објави први официјални детали за новата Gamma, модел кој по долга пауза се враќа во понудата на италијанскиот бренд, но овој пат во форма на модерен fastback SUV. Новиот модел е дизајниран и развиен во Италија, а производството ќе се одвива во фабриката на Stellantis во Мелфи.
Првите претсериски примероци веќе започнаа со тестирање на јавни патишта, што значи дека проектот влегува во завршна фаза пред официјалниот пазарен старт. Gamma ќе биде поставена на STLA Medium платформата, наменета за електрифицирани модели од средната и повисоката класа.
Димензиите изнесуваат 4,67 метри во должина, 1,89 метри во ширина и 1,66 метри во висина, со што Gamma ќе се позиционира меѓу поголемите SUV модели во европскиот среден сегмент. Дизајнот ќе биде комбинација на елеганција, удобност и модерна технологија, со силуета која потсетува на купе-кросовер.
Во понудата ќе има хибридни и целосно електрични изведби. Основната хибридна верзија ќе располага со 145 КС и автономија од над 1.000 километри. Електричната понуда ќе започнува со верзија од 230 КС и досег од над 540 километри, додека посилната варијанта со 245 КС ќе нуди повеќе од 740 километри.
На врвот ќе биде поставена AWD верзија со 375 КС и досег до 675 километри. Нарачките се очекува да започнат по летото, додека повеќе информации најверојатно ќе бидат објавени околу периодот на Саемот за автомобили во Париз.



