Вести

Alfa Romeo подготвува нов хечбек со бензински и електричен погон

Слика: Alfa Romeo

Alfa Romeo повторно ќе се врати во сегментот на компактни хечбек модели, по речиси шест години откако беше прекинато производството на Giulietta. Новиот модел сè уште нема официјално име, но од компанијата најавуваат дека ќе се надоврзе на духот на познатите Alfa модели како 147 и Giulietta.

 

Ова е важна промена за брендот, бидејќи европскиот пазар во последните години значително се префрли кон SUV и crossover модели. Сепак, Alfa Romeo очигледно смета дека сè уште има простор за компактен хечбек, особено кај купувачи коишто не сакаат висок автомобил и бараат пониска, подинамична каросерија.

 

Новиот хечбек ќе се позиционира во C-сегментот, каде што ќе се соочи со силна конкуренција од Volkswagen Golf, Peugeot 308 и Opel Astra. Бидејќи Alfa Romeo е дел од Stellantis, новиот модел ќе дели техничка основа со дел од групациските модели, но задачата на Италијанците ќе биде да создадат автомобил што ќе се доживува различно, поспортски и поемоционално од останатите модели на групацијата.

 

Клучна новина е тоа што новиот Alfa Romeo хечбек нема да биде само електричен. Ќе се нуди и со мотори со внатрешно согорување, што е важна вест за купувачите коишто сè уште не се подготвени целосно да преминат на EV. Истовремено, во понудата ќе има и целосно електрични верзии, бидејќи моделот ќе користи нова STLA ONE multi-energy платформа, создадена за бензински, hybrid и електрични погони.

 

Моделот е дел од планот Fastlane 2030, што значи дека треба да се појави најдоцна до крајот на деценијата. Во истиот период, Alfa Romeo планира и нов компактен crossover, како и понатамошен развој на Junior. Giulia и Stelvio ќе останат во производство до 2027 година, а нивните идни наследници исто така треба да користат платформи што поддржуваат и бензински и електричен погон.

Поврзани Вести

Препорачано