Porsche ќе ги повлече од понудата Taycan Sport Turismo и Taycan Cross Turismo, со што германскиот производител останува без каравански модели. Одлуката доаѓа со пристигнувањето на освежениот Taycan за 2027 година, а главната причина е недоволната побарувачка.
Од Porsche потврдиле дека продажбата на двете изведби била премногу ниска за да го оправда нивното понатамошно производство. Иако Sport Turismo и Cross Turismo беа меѓу најпрактичните и најинтересните верзии на електричниот Taycan, нивниот удел во вкупната продажба останал ограничен.
Продажбата на Taycan во САД го достигна својот максимум во 2023 година, кога биле испорачани 7.570 примероци. Во 2024 година бројката паднала на 4.747 автомобили, а во 2025 година дополнително се намалила на 4.142 возила.
Негативниот тренд продолжил и во 2026 година. Во првите три месеци Porsche продал 607 примероци од Taycan, во споредба со 1.019 автомобили во истиот период претходната година. При толку ограничена продажба, одржувањето на три различни каросериски изведби е тешко да се оправда, од финансиски и производствен аспект.
Taycan Sport Turismo беше пониска и поспортска караванска верзија, додека Cross Turismo нудеше повисоко растојание од подлогата и поавантуристички изглед. Особено Cross Turismo се издвојуваше како практична алтернатива на SUV моделите, комбинирајќи електричен погон, голем багажен простор и подобра употребливост на различни подлоги.
Одлуката доаѓа во период кога побарувачката за електрични автомобили во дел од пазарите се намалува, а купувачите сè почесто се вртат кон хибриди или класични мотори. За Porsche, рационализирањето на понудата е логичен чекор во услови кога Taycan веќе не ги постигнува продажните резултати од претходните години.
Ова не е првпат Porsche да се откаже од караван. Компанијата претходно ја укина и Panamera Sport Turismo поради слаба продажба. Со заминувањето на двете Taycan изведби, Porsche повеќе нема да нуди ниту еден караван, оставајќи ги љубителите на практични спортски модели со значително помал избор.



