Првиот целосно електричен модел на Ferrari, Luce, предизвика поделени реакции по премиерата, но почетниот интерес во Кина е во голем замав. Според извештаи од локалните медиуми, сите 88 автомобили предвидени за кинескиот пазар наводно веќе добиле купувачи.
Сепак, информацијата за целосна распродажба сè уште не е целосно јасна. Ferrari Beijing продолжува да прима нови нарачки, што може да значи дека дел од квотата сè уште е достапен или дека производителот е подготвен да испорача дополнителни примероци доколку побарувачката остане висока. Презентациите на моделот во Пекинг се закажани од 3 до 5 јули 2026 година.
Luce е првиот сериски електричен автомобил во историјата на Ferrari и значително се разликува од традиционалните модели на марката. Има четири електромотори, погон на сите тркала и системска моќност од околу 1.050 КС, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 2,5 секунди.
Автомобилот користи батерија со капацитет од 122 kWh и, според објавените спецификации, треба да овозможи автономија од приближно 530 км. Максималната брзина надминува 310 км/ч, додека почетната цена во Кина изнесува 3,988 милиони јуани, односно околу 586.000 долари.
Дизајнот на Luce предизвика бројни критики бидејќи отстапува од изгледот на класичните суперавтомобили на Ferrari. Моделот е развиен во соработка со студиото LoveFrom, предводено од поранешниот главен дизајнер на Apple, Џони Ајв, а кабината е повеќе насочена кон удобност, дигитални функции и секојдневна употребливост.
Од Ferrari претходно соопштија дека добиле силен интерес и уплатени депозити за Luce, но вистинскиот комерцијален успех ќе може да се оцени дури по објавувањето на официјалните нарачки и почетокот на испораките, планиран за крајот на 2026 година.



