Британската компанија McMurtry Automotive ја претстави сериската верзија на својот екстремен електричен хиперавтомобил Spéirling Pure, модел наменет исклучиво за возење на патека. Иако визуелно останува близок до прототипот што поставуваше рекорди низ светот, производителот тврди дека околу 95% од компонентите се нови.
Најголемата промена е батеријата, чиј капацитет е зголемен од 60 на 100 kWh. Истовремено се преработени електричните мотори, системот за ладење и надворешниот дизајн, додека карбонскиот монокок сега ги исполнува меѓународните стандарди за мотоспорт. Кабината нуди и повеќе простор за рацете и нозете на возачот.
Spéirling Pure располага со два електрични мотори кои ги придвижуваат задните тркала и испорачуваат вкупно 986 КС. Забрзувањето од 0 до 60 mph, односно приближно 97 км/ч, трае само 1,55 секунди.
Со батеријата од 100 kWh, автомобилот може да помине околу 40 до 50 км со темпо споредливо со тркачки болид од класата LMP2. Полнењето трае меѓу 20 и 60 минути, во зависност од надворешната температура и моќноста на полначот.
Највпечатливиот дел останува системот „Downforce-on-Demand“. Два вентилатори со голема брзина, поставени под возилото, заедно со специјалните странични прегради создаваат повеќе од 2.000 кг потисна сила дури и кога автомобилот мирува. Двојната конфигурација обезбедува резервен систем доколку еден од вентилаторите откаже.
При максимално оптоварување, Spéirling Pure може да создаде сили до 3г при свиоци и сопирање. McMurtry ќе произведе само 100 примероци, со почетна цена од 1,3 милиони долари, а сопствениците ќе можат дополнително да нарачаат фабричка поддршка за тркачки настапи.
Моделот ќе може да учествува во одредени натпреварувања во САД и Европа, а јавноста ќе има можност да го види на фестивалот Goodwood Festival of Speed и за време на Monterey Car Week.



