Ford подготвува неколку нови модели со почетна цена под 40.000 долари, а еден од нив би можел да биде седан. Засега не е официјално потврдено за каков модел станува збор, но новите изјави од компанијата повторно ги засилија шпекулациите дека Ford размислува за Mustang со четири врати.
Во интервју за Automotive News, Ендру Фрик, претседател на Ford Blue и Model E, изјави дека компанијата сака „да го прошири Mustang семејството“ во иднина. Според него, секој нов модел треба логично да се вклопи во постојна моделска фамилија и да биде доволно економичен за развој и производство.
Ова не е првпат да се споменува идејата за Mustang во поинаква каросериска форма. Во 2024 година, извршниот директор на Ford, Џим Фарли, изјави дека Mustang би можел да постои во повеќе облици, вклучувајќи и верзија со четири врати, сè додека таквиот модел ги задржи перформансите и ставот на оригиналот.
Подоцна се појавија и информации дека Ford на дилерите им покажал концепт за Mustang седан со име Mach-4, како и off-road инспирирана верзија на моделот. Иако ништо од тоа не е официјално потврдено за сериско производство, јасно е дека Ford ја разгледува можноста Mustang да стане поширока моделска фамилија, а не само класичен coupe.
Причината има деловна логика – Ford во моментов нема класичен седан во својата понуда на американскиот пазар. Fusion престана да се произведува пред шест години, а пред него исчезнаа и Fiesta, Focus и Taurus. Така, Mustang остана единствениот вистински автомобил во гамата, додека остатокот од понудата е составен главно од SUV, crossover и pick-up модели.
Дополнително, фабриката Flat Rock во Мичиген, каде што се произведува Mustang, работи со неискористен капацитет. Во минатото таму се произведуваа и Lincoln Continental, Ford Fusion и Mazda6, но тие модели повеќе ги нема. Нов Mustang седан би можел да помогне во подобро искористување на фабриката без премногу високи трошоци за развој.
Иако продажбата на Mustang годинава е солидна, бројките се значително пониски отколку пред една деценија. Затоа, проширувањето на семејството Mustang може да биде начин Ford да привлече нови купувачи, без целосно да се откаже од препознатливиот идентитет на моделот.



