Вести

Toyota GRMN Corolla пристигнува како најекстремна верзија со мануелен менувач и помала тежина

Toyota официјално ја претстави GRMN Corolla, најострата и најфокусирана верзија на својот спортски hatchback. Ознаката GRMN значи „Gazoo Racing Meister of the Nürburgring“, а моделот носи низа подобрувања во моторот, шасијата, аеродинамиката и тежината, без радикално да се оддалечи од основната GR Corolla.

 

Под хаубата останува познатиот 1,6-литарски турбо трицилиндричен мотор, кој и понатаму развива 300 коњски сили. Сепак, вртежниот момент е зголемен од 400 на 410 Nm, додека јапонската верзија добива 415 Nm. Toyota вели дека дел од подобрувањата се резултат на искуствата стекнати со тркачката GR Corolla со водороден мотор.

 

GRMN Corolla добива и intercooler spray систем, кој помага температурата да остане под контрола при агресивно возење и подолго оптоварување. Моделот ќе биде достапен само со мануелен менувач, што дополнително ја нагласува неговата возачка ориентација.

 

Како и претходната hardcore Morizo Edition, GRMN Corolla се откажува од задните седишта. Со тоа, тежината е намалена за 30 кг. во споредба со стандардната GR Corolla. Аеродинамичкиот пакет вклучува петстепено прилагодливо задно крило, отвори на хаубата и предните крила, како и предни странични спојлери.

 

Toyota ја подобрила и суспензијата со нови monotube амортизери напред и назад, а работела и на погонот на сите тркала и електричното управување. Целта е автомобилот да биде уште подобар на патека и да понуди попрецизно чувство зад воланот.

 

GRMN Corolla добива пошироки и полепливи Michelin Pilot Sport Cup 2 гуми во димензија 245/40 ZR18, поставени на 18-инчни forged тркала во мат бронзена боја. Внатрешноста носи спортски седишта, carbon fiber детали и црвени акценти на вратите и рачката на менувачот.

 

Toyota сè уште не го објави точниот број на примероци, но сериската плочка во кабината покажува дека производството ќе биде ограничено. GRMN Corolla ќе се продава главно во Јапонија, Северна Америка и Австралија, а се очекува да пристигне во продажба во наредните месеци.

Поврзани Вести

Препорачано