BMW ја претстави петтата генерација на X5, која носи една од најголемите трансформации во 27-годишната историја на моделот. Новиот SUV го прифаќа дизајнерскиот јазик Neue Klasse, добива целосно изменета кабина и ќе се нуди со дури пет различни погонски системи.
Предниот дел го одбележуваат новите светла со двоен „X“ мотив, кои можат да светат и жолто како потсетување на класичните BMW M модели. На страните повеќе нема традиционални рачки, туку нови елементи што се активираат со копче. Вратите можат да се отвораат и затвораат преку клучот или мобилната апликација.
Најконтроверзната промена се наоѓа на задниот дел – BMW ја отстрани препознатливата дводелна врата на багажникот, која со години беше еден од заштитните знаци на X5. Компанијата тврди дека одлуката е донесена врз основа на барањата на купувачите и потребата од подобра аеродинамика.
Новиот X5 е подолг за 56 мм, но малку понизок од претходникот. Истовремено е и значително потежок. Основната бензинска верзија тежи околу 2.365 кг, plug-in хибридот приближно 2.715 кг, додека електричниот iX5 достигнува речиси 2.900 кг.
Во кабината доминира централен екран од 17,9 инчи, а како опција се нуди и посебен екран од 14,6 инчи за совозачот. Панорамскиот iDrive приказ е поставен под ветробранското стакло, додека AI асистентот управува со функциите на автомобилот и одговара на општи прашања.
Глобалната понуда ќе опфаќа бензински, дизел, plug-in хибриден, електричен и водороден погон. Бензинскиот X5 40 развива 394 КС, додека X5 50e располага со 489 КС. Посилниот M60e достигнува 612 КС, но нема да се продава на американскиот пазар.
Електричниот iX5 60 користи батерија од 141 kWh, развива 578 КС и има погон на сите тркала. На американскиот тест-циклус се наведува досег до околу 700 к м. Верзијата на водород се очекува во 2028 година.
Продажбата треба да започне до крајот на 2026 година, а цените во САД ќе стартуваат од 69.800 долари за бензинскиот модел и 79.800 долари за електричниот iX5.



