Тест

Citroën C3 Aircross нуди ниска цена и седум седишта, но со јасни компромиси

Новиот Citroën C3 Aircross доаѓа како мал SUV со конкурентна цена, практична каросерија и можност за седум седишта, што ретко се среќава во оваа класа. Во споредба со претходната генерација, моделот носи значително подобрување, особено затоа што стариот C3 Aircross беше критикуван за слабото возење и ниската оцена за доверливост.

 

Најголемиот адут на новиот модел е цената. C3 Aircross е позициониран под ривали како Renault Captur, Skoda Kamiq и Vauxhall Frontera, а истовремено нуди солидна стандардна опрема. Основната верзија – Turbo 100 користи 1,2-литарски бензински мотор со 99 коњски сили и шестстепен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае околу 12,5 секунди, што не е брзо, но е доволно за секојдневно возење.

 

Посилната Hybrid 145 верзија има 143 коњски сили и автоматски менувач, но токму менувачот е една од најголемите слабости. Според тестот, автомобилот е груб и неодлучен при бавно возење, особено во градски услови. И двата мотори можат да бидат бучни под оптоварување, а управувањето е премногу лесно и без доволно повратна информација.

 

Возењето е постабилно отколку кај претходникот, но суспензијата е поцврста од очекуваното за Citroën. На нерамни патишта се слушаат удари и звуци од подвозјето, додека некои ривали, како Dacia Duster, Dacia Jogger и Skoda Kamiq, нудат помазно возење.

 

Внатрешноста е едноставна и визуелно поинаква, со мала управувачка конзола, дигитален приказ над воланот и 10,25-инчен infotainment екран. Од материјали преовладува тврда пластика, но тоа е прифатливо со оглед на цената. Предните седишта се удобни, видливоста е добра, а паркирањето е лесно благодарение на задната камера и сензорите.

 

Најголемото отворено прашање е практичноста. Верзијата со пет седишта има добар багажник од 460 литри, но кај верзијата со сеум седишта, капацитетот паѓа на 330 литри, а кога ќе се постави и трет ред, остануваат само 40 литри. Третиот ред е погоден главно за мали деца, но нема Isofix точки, што ја ограничува неговата употребливост.

 

Од една страна, C3 Aircross има смисла како евтин, добро опремен семеен SUV, особено во изведба со пет седишта. Од друга страна, верзијата со седум седишта звучи привлечно на хартија, но Dacia Jogger останува подобар избор за оние на кои навистина им треба практичен автомобил со седум седишта.

Поврзани Вести

Препорачано